Според Законот за високо образование, сите студенти од втора, трета и четврта година треба да имаат изведено по минимум 1 пракса во текот на годината. Праксата треба да е со минимално траење од 30 дена (20 работни денови) при што се претпоставува дека студентот работел секој работен ден по 8 часа во текот на периодот. Праксата исто така треба да биде во врска со работа која е од областа на студиите на факултетот (ИТ поврзана пракса).

Постапката за започнување на пракса и заверување на пракса е следната:

  1. Студентот треба да најде компанија кај која ќе оди на пракса. 
    • За оваа цел може да му помогне веб страницата на факултетот каде се објавуваат понудите за пракси на фирмите, како и листата на пријатели на ФИНКИ која ги листа компаниите со кои ФИНКИ има склучено меморандуми за соработка и кои се обврзале да примаат студенти на ФИНКИ на пракса. Листата на компании кои може да се контактираат не е ограничена на оваа листа.
  2. Доколку компанијата кај која студентот ќе оди на пракса побара од студентот официјален документ дека ФИНКИ го упатува на пракса тогаш:
    • Студентот доаѓа со потпишано и пополнето барање за издавање документ за упатување на пракса. Потполнето барање претпоставува дека е потпишан меморандум за соработка на ФИНКИ со компанијата (доколку компанијата нема потпишано ваков меморандум, тогаш ФИНКИ не може да го издаде потребниот документ и пожелно е студентот да ја упати компанијата до деканатот на ФИНКИ за да се потпише меморандум за соработка). Архивските броеви кои се бараат во документот при потпишување на меморандумот треба да ги пополнат лица од компанијата. На тоа барање потребно е да се потпише овластено лице од компанијата и да се стави печат од компанијата.
    • Врз основа на пополнетото барање се издава и потпишува документ за упатување на пракса кој потоа студентот го доставува во компанијата. Тој се печати на официјалниот меморандум на ФИНКИ и се заверува со потпис и печат од студентска служба
  3. Студентот ја изведува праксата во избраната компанија и во текот на работата пишува дневник за извршената пракса. Дневникот кој го води студентот врши евиденција на работни обврски по недели, односно за секоја недела на пракса потребно е да има извештај за сработеното.
  4. По завршената пракса компанијата на студентот треба да му издаде Потврда за остварена пракса потпишана од директорот и со печат на компанијата каде праксата е изведена, како и заверена во архивата на компанијата. Во текстот на потврдата јасно треба да е истакнат идентитетот на студентот кој бил на пракса, периодот во кој студентот бил на пракса заедно со општ опис на неговите работни обврски.
    • Дневникот за извршената пракса треба да биде одобрен со потпис од одговорното лице за студентот во рамките на компанијата.

Студентот треба да го прати дневникот во електронска форма на одговорниот координатор, со наслов [Opshta praksa]; а по одобрувањето, треба да ги донесе потврдата и дневникот кај координаторот на увид. Координаторот ја одобрува праксата со потпис на потврдата и/или дневникот.

  1. Одобрената потврда и дневник студентот ги предава на студентската служба за чување во неговото досие и официјално потврдување дека студентот ја завршил обврската за пракса.

 

Наставници- координатори според последната цифра на бројот на индексот:

Последна цифра на индекс

Координатор

Термин

1,2,3

проф. д-р Весна Димитриевска Ристовска

Закажан термин по одобрување на дневникот

4,5,6

доц. д-р Георгина Мирчева

Во термин за консултации со физичко присуство на Факултет

7,8,9,0

вон. проф. д-р Андреја Наумоски

Во термин за консултации со физичко присуство на Факултет

За студентите кои од ФЕИТ преминале на ФИНКИ поделбата по координатори се прави според последната цифра од бројот на индекс, а не од годината.

Пример: за број на индекс 345/2006, последната цифра од индексот е 5.

 

НАПОМЕНА: Како студенски пракси се признаваат и праксите реализирани во странство.