Мирослав Мирчев е роден во 1986 година во Св. Николе. Дипломирал во 2008 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје на смерот Информатика и компјутерско инженерство. Магистрирал на истиот факултет во 2009 година на смерот компјутерски мрежи и е-технологии, со магистерски труд на тема “Моделирање на непоасонови процеси на ширењее вируси во компјутерски мрежи” под менторство на акад. проф. д-р Љупчо Коцарев. Во 2007 година почнал да работи како демонстратор на Институтот за компјутерска техника и информатика при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, а во 2010 бил избран за помлад асистент. Во 2010 година бил на неколку месечен научно истражувачки престој на City University во Хонг Конг. Во 2011 започнал докторски студии на Политехничкиот универзитет во Торино, а во текот на докторските студии остварил и шестмесечен престој на Универзитетот на Калифорнија, Сан Диего во САД и еднотримесечен престој на институтот Јожеф Штефан во Љубљана. Докторските студии ги завршил во 2014 година, со одбрана на докторската теза со наслов “Кооперативни процеси во комплексни мрежи со несовршености” под менторство на проф. д-р Марио Биеј, проф. д-р Фернандо Коринто и акад. проф. д-р Љупчо Коцарев. Во 2014 година е избран за доцент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, а во 2019 и за вонреден професор на истиот факултет. Негови полиња на научно-истражувачка работа се мрежна наука, комплексни системи, машинско учење, вештачка интелигенција, компјутерски мрежи, оптички мрежи, итн. Досега има објавено голем број на научно-истражувачки трудови во реномирани меѓународни списанија и конференции и има учествувано во повеќе меѓународни и национални научно-истражувачки проекти, како и во неколку стручно-апликативни проекти. Бил член во програмски одбор на повеќе меѓународни конференции, и претседавач на една меѓународна конференција.
Рецензија - ЛИНК.
Одлука за избор - ЛИНК