Роден e 1971 година во Охрид. Основно и средно училиште завршил во Охрид. Во 1990 година се запишал на Военотехничкиот факултет во Загреб, каде што ја завршил првата година на студиите. Од академската 1991/92 година студиите ги продолжил во Скопје, на ИИ при ПМФ. Студиите ги завршил во 1996 година, со што се стекнал со звањето дипломиран инженер по информатика. По завршувањето на студиите работел како надворешен соработник - програмер во неколку софтверски куќи на развојот на поголеми информациони системи. Во 1997 година го отслужил воениот рок. Во академската 1997/98 година се запишал на постдипломски студии на ИИ, кои ги завршил во 2002 година, со одбрана на магистерскиот труд “Преименување на регистри”, под менторство на проф. д-р Марјан Гушев. Во 2009 година докторирал на тема "Процесни текови кај грид пресметувањата – управување, извршување и распределување” под менторство на Проф. Д–р Маргита Кон–Поповска. Во 1998 година бил избран за стручен соработник, во 2000 година за помлад асистент, а во 2003 година за асистент во Заводот за програмско инженерство при ИИ. Во 2009 година избран е за доцент на Институтот за информатика. Од 1999 до 2003 година ја извршувал функцијата в.д. раководител на Компјутерскиот центар при ИИ, а во 2005 година е избран за раководител на Компјутеркиот центар на ПМФ. Во 2009 повторно е избран за раководител на Компјутерскиот центар на ИИ, функција што и денес ја извршува.
Работи и како инструктор во регионалната CISCO-академија на Институтот за информатика. Држи настава по предметите: Структури на податоци и алгоритми, квалитет на софтвер и тестирање, микропроцесори и микрокомпјутери, проектирање на компјутерски мрежи, безжични мрежи, современи компјутерски системи, напредни алгоритми, грид и научно процесирање, интеграција на системи, софтверско инженерство за критични системи и др. Држел вежби по следниве предмети: архитектура на компјутерите, микропроцесори и микрокомпјутери, програмски јазици, структури на податоци, проектирање компјутерски мрежи, компјутерски мрежи, интернет, интернет-апликации, интерактивни апликации, учење со компјутери, современи компјутерски системи, бази на податоци за студентите по информатика, вовед во информатиката за студентите по географија, вовед во информатиката за студентите од Факултетот за земјоделски науки и храна и од Филозофскиот факултет. Во фокусот на неговите истражувања се инфраструктурите за колаборативно пресметување и истражување, а пред сè грид и системите за пресметување со високи перформанси. Негова цел е овие системи да се доближат кон сите потенцијални корисници, пред сè кон истражувачките заедници, за да може во целост да се искористи огромниот потенцијал што тие го нудат. Истражувал и во областите компјутерските архитектури и мрежи, софтверското инженерство, интернет-технологиите и електронското учење. Учествувал во реализацијата на преку 25 меѓународни проекти, финансирани од ТЕМПУС, ФАРЕ, ДААД и ФП програмата, а поврзани со развојот на информатичката инфраструктура и со информатичкото образование. Во моментов е координатор за Македонија на еден ФП7 проект, поврзан со процесирање со високи перформанси (High Performance Computing) HP-SEE. Автор е на преку 35 научни и стручни трудови објавени во меѓународни списанија и зборници од конференции, а одржал и над 25 презентации на научни и стручни собири и работилници. Член е на неколку здруженија од областа на иформатиката (IEEE, ICT-ACT).
Рецензија - ЛИНК.
Одлука за избор - ЛИНК