
Во организација на Здружението на информатичарите на Македонија, во саботата (22.03.2014 година) во просториите на ФИНКИ и на СЕМОС Едукација се одржа 25-от Државен натпревар по информатика за ученици од средните и основните училишта во Македонија. Истиот го отвори заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска. Асровска Томовска пред присутните истакна дека натпреварот претставува уште една потврда за трудот и сериозните напори вложени во создавањето млади кадри, кои во иднина ќе придонесат за развојот на ИКТ секторот во земјата.
„Истражувањата и анализите покажуваат дека во наредните години, информатичката дејност ќе стане најбарана професија на глобално ниво. Доколку трендот на побарувачка продолжи со ова темпо, околу два милиони работни места за информатичари ќе недостасуваат во Европа до 2020 година. Затоа, треба постојано да бидете отворени за креативност, иновации, интеракција и учење, а вложувањето во себе, збогатувањето на талентот и вистинскиот сет на вештини се клучни за ваш напредок и успех.“- им порача на учесниците на натпреварот заменик министерот Арсовска Томовска. Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, д-р Димитар Трајанов, ги поздрави учесниците и потсети на континуираната поддршка на ФИНКИ на натпреварите.
Во своето обраќање, претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, се осврна на луѓето кои го вградиле својот дух во организацијата на натпреварите и го истакна своето задоволство што по 25 години натпреварите по информатика претставуваат најпрепознатите натпревари во Македонија, преку кои се прави селекција за учество на меѓународните натпревари на кои се постигнаа големи успеси во последните години.
На натпреварот учествуваа 101 ученик од средните и некои од основните училишта во Македонија, пласирани за учество според резултатите од регионалниот натпревар.
По учебни години, кумулативно беа доделени дипломи за 7 први, 10 втори и 14 трети места.
Покрај дипломите, пофалбите, признанијата и наградите, најдобрите ученици од четврта година освоија стипендии за студирање на ФИНКИ.
Тоа се:
- Бојан Серафимов ПСУ „Јахја Кемал“ Бутел, Скопје
- Васил Кузевски ПСУ „Американска Гимназија Нова“, Скопје
- Денис Мазникар СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“, Штип
- Филип Беџовски ПСУ „Јахја Кемал“, Струмица
- Мартин Јосифоски ПСУ „Јахја Кемал“, Гостивар
- Александар Андевски ОСТУ „Наце Буѓони“, Куманово
- Кристијан Ѓошев СУГС Гимназија „Раде Јовчевски - Корчагин“, Скопје
- Никола Танев ССОУ „Коле Неделковски“, Велес
- Лоди Додевска СОУ Гимназија „Гоце Делчев“, Куманово
- Војо Тенев ПСУ „Јахја Кемал“, Струмица
- Стојан Илиески СУГС „Орце Николов“, Скопје
- Сашо Најдов СОУ „Св.Кирил и Методиј“, Неготино
- Ѓорѓи Досев СОУ Гимназија „Добри Даскалов“, Кавадарци
