Во организација на БЕСТ Скопје, со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - Скопје и Студентскиот парламент на ФИНКИ, оваа среда свечено беше отворен Меѓународниот академски курс на тема „Од невработен до претприемач“, на кој заедно учествуваат 25 студенти од различни европски универзитети и 26 македонски студенти.
 
Академскиот курс, кој е целосно бесплатен за сите студенти и кој започна на 3-ти јули, ќе трае се до 12-ти истиот месец, 2013 година. Предавањата се одржуваат на англиски јазик од страна на врвни професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
 
Главен организатор на овој курс е БЕСТ Скопје, кој е дел од интернационалната студентска организација БЕСТ (Борд на Европски Студенти по Технологија). 
 
Студентската организација БЕСТ – Скопје веќе 11-та година по ред организира интернационални академски курсеви, на кои секоја година учество земаат студенти од Европа, како и студенти од Македонија. Сите настани кои ги организира БЕСТ Скопје се целосно бесплатни за сите домашни и странски студенти.  
 
БЕСТ преку настаните кои ги организира - академски курсеви, инженерски натпревари, едукативни симпозиуми, саеми за вработување, како и многу тренинзи и работилници за неформално образование, го промовира европскиот дух и ја охрабрува комуникацијата и работата во мултикултурна средина, а и постојано се стреми кон обезбедување на бесплатно комплементарно образование за студентите.