На 26-ти март 2016 година во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје како домаќин на натпреварот, во организација на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), и коорганизација на Агенцијата за млади и спорт на РМ (АМС), ќе се одржи XXVII Државен натпревар по информатика за учениците од средните и основните училишта во Македонија.
Свеченото отворање на овој настан ќе се одржи во амфитеатарот на ТМФ, со почеток од 10 часот. На отворањето, свое присуство најавија министерката за информатичко општество Марта Арсовска Томовска, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, деканот на ФИНКИ вонр. проф. д-р Иван Чорбев, а покрај нивното очекувано обраќање, ќе се обрати и претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија доц. д-р Миле Јованов, како и високи претставници на домаќините на натпреварот ФИНКИ и Семос едукација.
На настанот се натпреваруваат најдобрите 105 ученици од основното и средното образование, избрани од учесниците на одржаниот Регионален натпревар. Програмата на Државниот натпревар по информатика 2016 е објавена на веб страната на ЗИМ.