ПСМ фондацијата го најавува настанот MobileAppCamp и ги поканува студентите на ФИНКИ да учествуваат. Повеќе детали за настанот можете да најдете во текстот што следува.
 

 

Фондација Претприемачки сервис за млади (ПСМ) во соработка со Swedish Trade Council го најавуваат „Mobile AppCamp“, тридневен настан каде учесници од Македонија и Европа преку тимска работа и под интензивно менторство од домашни и странски експерти ќе развиваат комерцијални мобилни апликации со потенцијал за пенетрација на глобалниот пазар. Целта на проектот е развивање и зајакнување на економско - технолошките врски помеѓу Македонија и високо развиените Европски земји во областа на мобилните апликации и бизниси.

Проектот има директен придонес во:

  • Процесот на забрзување на иновациите во доменот на мобилната технологија,
  • Обезбедување на можности за забрзан раст на бизнисите поврзани со мобилните апликации,
  • Надминување на бариерите за постигнување мултинационални и мултикултурни партнерства,
  • Формирање мрежа од интернационални ментори, експерти и менаџери за развој на апликации за обезбедување континуирана поддршка за понатамошен развој на креираните бизниси, и
  • Забрзување на интеграцијата на Македонија кон развиените земји во областа на информатичкото општество и синхронизација со глобалните трендови во мобилните технологии. 

Структурата на тридневниот камп е составена од два дела:

  • Програма за развој на капацитетите на претприемачите учесници кои ќе развиваат мобилни апликации, во која ќе бидат опфатени клучни теми за постигнување успех, како комерцијализација на иновации и подготвување за обезбедување инвестиции. Целта на програмата е развивање на посебни претприемачки вештини за дефинирање на компоненти кои ќе ја трансформираат мобилната апликација во старт-ап бизнис со потенцијал за глобален раст и развој. 
  • Развој на мобилни апликации со стратегија за нивна пенетрација на глобалниот пазар каде најдобрите мобилни апликации ќе бидат наградени со цел постигнување понатамошно усовршување. Панел од домашни и странски говорници (релевантни експерти, бизнис претставници, претприемачи) и ментори ќе работат интензивно со учесниците со цел дефинирање успешен модел на таканаречен „мобилен бизнис“. 

„Mobile AppCamp“ ќе биде организиран во Скопје, од 30 ноември до 02 декември, на Скопскиот Саем, а повеќе информации можете да добиете на www.MobileAppCamp.org