Фондот за здравствено осигурување на Македонија со помош на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство изработи апликација која претставува систем за евиденција на податоците поврзани со примањето на терапии на пациентите со одредени хронични заболувања. Апликацијата е изработена во ASP.NET MVC 3 технологијата.
 
На ден 04.03.2013 беше направена промоција на апликацијата во Клиниката за неврологија, Скопје. Директорот на ФЗОМ, Јован Грповски истакна дека пет електронски регистри на пациенти со специфични заболувања (со хронична терапија со хормон за раст, со цистична фиброза, со ревматоиден артрит, со мултиплекс склероза и хронична миелоична леукемија) кои примаат скапа терапија, се воведуваат за да се овозможи електронско следење на пациентите со цел утврдување на снабденоста со терапија од болничката листа на лекови и да се има увид дали тие навистина ја добиваат терапијата што им е неопходна.
 
Воведувањето на електронските регистри ќе значи дека секој момент клиниката ќе може благовремено да реагира за достапноста на терапијата што е потребна. Со истата, се намалување на потребата од теренска контрола од страна на ФЗОМ во секој болница на секој квартал. Исто така, истовремено ќе им се излезе во пресрет и на здруженијата на граѓани (пациенти) со цел навремено реагирање од страна на ФЗОМ во рамките на неговите надлежности.
 
Пристап до апликацијата имаат одговорни лица од ФЗОМ, со што ќе имаат благовремени информации за моменталната снабденост на болниците со одредените лекови, како и лекарите кои ги препишуваат истите терапии на пациентите.
 
Целиот софтвер се изработуваше неполни три месеци и тимот кој истиот го изработи е составен од следните членови: Кристијан Мартиновски, Марија Велкоска и Костадин Мишев.
 
Директорот на ФЗОМ, Грповски му се заблагодари на деканот на ФИНКИ, проф. Димитар Трајанов, за досегашната соработка со увереност дека истата ќе продолжи и во иднина.