Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство (ФИНКИ) во соработка со КЕРНЕЛ Македонија и Fortinet ќе формира лабараторија со која на студентите им се нуди можност за практична настава и запознавање со уредите на овој производител, како и решенијата и начините на кои може да се оствари заштита на компјутерските мрежни инфраструктури и електронските податоци.

Fortinet, позициониран како еден од лидерите на пазарот согласно Gartner`s 2012 Magic Quadrant Report за Unified Threat Management, е специјализиран за производство на уреди кои овозможуваат зголемена заштита на електронските комуникации, како на телекомуникациските мрежни инфраструктури така и на електронските податоци и апликации. Портфолиото на Fortinet уреди вклучува Unified Threat Management уреди за заштита на локалните мрежни инфраструктури, уреди за заштита на e-mail серверите (mail antispam уреди), уреди за заштита на web апликациите и базите на податоци, уреди за лог менаџмент и централизирано менаџирање на инфраструктурата.

Во лабараторијата која ќе биде формирана на почетокот на универзитетската учебна година (октомври 2012) на студентите ќе им бидат ставени на располагање уреди со кои тие ќе може да извршуваат тестирања и конфигурирање на истите во демо околина под надзор на стручен кадар од факултетот како и инжинери од Кернел Македонија сертифицирани од страна на производителот за оддржување на обуки. Оваа лабараторија ќе им овозможи на студентите заинтересирани за изучување мрежни технологии и компјутерска сигурност да се стекнат со практични знаења со цел да се оформи нивното знаење и да се подготват за полесна интеграција за работа во компаниите по нивното дипломирање.