Студентската организација БЕСТ – Борд на Европски Студенти по Технологија секоја година на студентите им нуди единствена можност да посетат некој од европските градови, како дел од некој академски курс. Ова лето се организираат курсеви во 47 градови низ Европа, на кои студентите можат да поминат незаборавни моменти во забава и дружење, а притоа и да присуствуваат на предавања на одредена тема кои ги држат професори од универзитетот домаќин.
 
Трошоците за храна, спиење и прошетки ги обезбедува локалната БЕСТ група која го организира курсот, а за сето време додека студентите се таму, за нив се грижат студенти кои се членови на БЕСТ. На студентите им останува единствено да ги платат сопствените патни трошоци.
 
На курсевите може да се пријави секој студент на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје кој го знае англискиот јазик. Сè што треба да направат заинтересираните кандидати е да напишат кратко и интересно мотивациско писмо и да аплицираат на најмногу 3 курса. Притоа, еден студент може да биде примен на само еден курс. Од БЕСТ им порачуваат на заинтересираните студенти да ја разгледаат листата на курсеви и да одберат курс што најмногу одговара на нивните студии или пак е на тема која најмногу ги интересира, а немаат можност да слушаат предавања од тој вид на нивниот факултет.
 
Крајниот рок за поднесување на апликациите е 25-ти март.
 
За сите дополнителни информации и прашања во врска со курсевите, како и начинот на функционирање на организацијата, членовите на БЕСТ ве покануваат на некој од нивните редовни состаноци, секој вторник во 20:00 часот во амфитеатарот на ФЕИТ.
 
Во меѓувреме, можете да ги следите и на нивната фан страна на Facebook.
 
БЕСТ Скопје на заинтересираните кандидати им посакува многу успех во апликациите и убаво и исполнето топло лето.
 

Помошни линкови: