После историскиот успех на Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025) која се одржа во Сукре, Боливија, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство одлучи да додели полни стипендии за студирање на сите натпреварувачи од македонскиот тим, како награда за нивниот висок постигнат успех.

Имено, на оваа олимпијада, учениците ја продолжија традицијата на одлични резултати на меѓународните олимпијади по информатика, овој пат постигнувајќи историски најголем успех. Македонскиот тим на овој светски најпрестижен годишен натпревар од областа на алгоритмите и програмирањето за средношколци, составен од учениците Дамјан Давков од Штип, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Виктор Максимоски од Гостивар и Леонид Цуклев од Гевгелија, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков, професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои два сребрени медала.

На ИОИ 2025 учествува вкупно 330 ученици од 86 земји од целиот свет. Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрените медали за Македонија ги освоија Дамјан Давков и Леонид Цуклев. И останатите двајца наши натпреварувачи, Благој Рујаноски Стојановски и Виктор Максимоски, имаа солидно претставување, при што и двајцата освоија олимписка пофалба.

Овој успех е само уште еден доказ за континуираната работа на професорите од ФИНКИ кои се членови на Здружението на информатичарите на Македонија со младите таленти, како и за континуираниот напредок и посветеност на младите македонски информатичари, кои со своето знаење, труд, но и остварени резултати, ја поставуваат Македонија на мапата на најуспешните држави во областа на информатиката.

            Учениците кои се дел од македонскиот тим за ИОИ 2025 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 36-ти пат. И годинава, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, натпреварите најчесто се одржуваат во просториите на факултетот, а ФИНКИ традиционално доделува стипендии на највисоко пласираните ученици од IV клас, на државниот натпревар по информатика.

Годинава стипендисти се следните ученици:

Сара Стефановска

ДСУ Математичко информатичка гимназија

Скопје

Јован Михов

ДСУ Математичко информатичка гимназија

Скопје

Антонела Владева

ДСУ Математичко информатичка гимназија

Скопје

Атина Рувинова

ПСУ „Јахја Кемал“

Струга

Давор Димоски

СОУ Гимназија „Мирче Ацев“

Прилеп

Давид Кузмановски

СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“

Скопје

Климент Велкоски

ОСУ „Св. Климент Охридски“

Охрид

Бојан Дамјановски

ДСУ Математичко информатичка гимназија

Скопје

Христијан Захарчев

СОТУ „Ѓорѓи Наумов“

Битола

Енес Аго

ПСУ „Јахја Кемал“

Струга

Мартин Сивевски

ОСУ „Ацо Русковски“

Берово

Јагода Панова

ДСУ-РЦСОО „Никола Карев“

Струмица

Евгениј Стоименов Јосифовски

СОУ „Гошо Викентиев“

Кочани

 

Не радува што меѓу овие стипендисти се и трите натпреварувачки од четврта година, кои минатиот месец ја претставуваа Македонија на Европската олимпијада по информатика за девојки, во Бон, Германија и освоија бронзен медал (Сара Стефаноска) и олимписка пофалба (Антонела Владева).

ФИНКИ се гордее со сите свои сегашни и поранешни студенти, кои претходно беа успешни натпреварувачи, а сега се веќе успешни студенти или успешни професионалци и ќе продолжи да ги поддржува и сите талентирани ученици во идните генерации.

Традиционално, покрај учесниците на натпреварите по Информатика, ФИНКИ ги стипендира со ослободување од партиципација и сите кандидати кои освоиле барем една прва, втора или трета награда на републичките натпревари и олимпијадите по Математика, Физика и Информатика во текот на средното образование кои ќе приложат соодветна диплома при уписите.

1