Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има континуирана заложба да ја поддржува научноистражувачката работа. Секоја година на Светскиот ден на науката за мир и развој, 10-ти Ноември, се доделува Награда за избор на најдобри научници/уметник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за покажани врвни резултати во научноистражувачката дејност во текот на календарската година.

Оваа година, тројца професори на ФИНКИ се стекнаа со престижни награди во рамките на оваа манифестација.

Во научното подрачје на техничко-технолошки науки, за најдобар научник со врвни резултати за 2021 година е избран д-р Петре Ламески, вонреден професор на ФИНКИ. Истиот професор минатата година беше добитник на наградата за успешни млади за 2020 година во категоријата најдобар млад научник во природно-математички и технички науки, која ја доделува претседателот на државата, Стево Пендаровски.

petre_2.jpg

Професорот д-р Марјан Гушев, редовен професор на ФИНКИ доби признание за посебен придонес во науката за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни трудови афилирани на Универзитетот, индексирани во базата Web of Science (158 заклучно со 2021) како и за најголем број научни публикации на Web of Science во изминатата деценија 2011 – 2020.

gusev_1.jpg

Академик проф. д-р Љупчо Коцарев, редовен професор (во пензија) на ФИНКИ, исто така доби награда за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни трудови афилирани на Универзитетот, индексирани во базата Web of Science (106 заклучно со 2021) како и за исклучително достигнување во кариерата и меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Stanford Универзитетот за 2% најцитирани научници на планетата за целата кариера, заклучно со 2021.

kocarev_1.jpg

Добиените награди се потврда на посветеноста на наставниот кадар на ФИНКИ за континуиран развој на науката. Наградите се мотивација за понатамошен развој на науката и за уште поголеми достигнувања во иднина. Големата активност во науката и посветеноста на научниот развој, му овозможува на ФИНКИ континуирано да ги модернизира своите студиски програми и им овозможува на своите студенти запознавање со најновите научни достигнувања во науката и техниката. Со тоа, студентите кои студираат на ФИНКИ се здобиваат со огромна предност во своите знаења и компетенции и се едни од најбараните инженери по информатички науки и компјутерско инженерство на пазарот на трудот во регионот.

 

0