Во април годинава УНДП и УСАИД објавија предизвик до сите граѓани да предложат иновативни идеи за справување со климатските промени. Организиран во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, предизвикот има за цел да ги искористи талентите на граѓаните како поддршка во остварување на Глобалните цели за одржлив развој поврзани со климатски промени и одржливи градови.

На натпреварот беа испратени повеќе од 60 идеи, од кои девет најдобри се најдоа во потесниот избор. Во текот на викендот за тимовите беше обезбедена поддршка за развој на нивните идеи, работејќи со ментори од областа на науката, маркетингот и бизнисот.

Re-Bot, паметна машина за надминување на предизвиците на тврдиот отпад, го освои првото место на натпреварот за борба против климатските промени и поттикнување на урбаната отпорност. Идејата на тимот на Re-Bot, составен од Тамара Димитрова (дипломиран студент на ФИНКИ), Борко Јовановски (студент на магистерски студии на ФИНКИ) и Стојан Димитровски (дипломиран студент на ФИНКИ), вклучува и игра во која натпреварувачите можат да добијат поени и награди кога активно ќе рециклираат отпад како пластика и лименки.

На климатскиот камп 2016 се натпреваруваа девет тимови за награда од 10.000 долари за борба против климатските промени и поттикнување на урбаната отпорност. Во финалистите учестувуваа уште два тима со студенти на ФИНКИ, тимот предводен од асистент м-р Панче Рибарски во чиј состав беше Дарко Ѓорѓиев, студент на ФИНКИ. Овој тим ја освои наградата од Founders Institute, стипендија за нивната програма во вредност од 500 евра. Другите финалисти беа предводени од асистент м-р Петре Ламески, сочинет и од Елена Маркова (дипломиран студент на ФИНКИ 2016), Маша Беќковиќ (дипломиран студент на ФИНКИ 2016) и Симона Маркова (студент во втора година на ФИНКИ ).

0