Денес Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), промовираше нова генерација дипломирани инженери по информатички науки и компјутерско инженерство и нова генерација магистри. Рекордни 320 дипломирани инженери и 24 магистри, ги добија своите дипломи за завршен прв и втор циклус студии.
Деканот на ФИНКИ, проф. д-р Боро Јакимовски ја отвори свеченоста и се обрати на присутните:
- Знам дека патот до овде не беше лесен. Имаше препреки и предизвици, но вие покажавте дека можете да ги совладате и да продолжите напред. Нека овој успех ви послужи како основа за вашите идни постигнувања, и се надеваме дека ќе ги користите знаењето и вештините стекнати на ФИНКИ за да направите позитивно влијание во светот на информатиката и компјутерското инженерство, рече деканот на ФИНКИ, професор д- р Боро Јакимовски.
Тој посочи дека успехот и растот на ФИНКИ не се случајни. Тие се резултат на заедничките напори на студентите кои се стремат кон знаење и усовршување и на професорите кои ги инспирираат и ги поддржуваат.
- Нека овој момент на успех остане запаметен во вашите срца, и да ви послужи како поттик во вашите идни професии. Ова е само почетокот на вашата успешна кариера, и сме убедени дека ќе постигнете големи дела и ќе го промените светот низ вашиот талент, ангажман и страст. Заедно, да ги славиме вашите достигнувања и да ја оствариме заедничката визија за успех и напредок, порача Јакимовски.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор д-р Никола Јанкуловски, ја изрази своето огромно задоволство за промоцијата на инженерите и магистрите.
- Денес, од оваа говорница ја имам честа да Ве поздравам на овој свечен настан, на кој добивате верификација на вашите напори за стекнување на знаења и потврда дека сте успеале да го изодите патот што се нарекува студирање. Денес, нашата академска заедница е побогата со нови дипломирани и магистрирани инженери кои своето знаење го стекнаа на нашиот Универзитет кој е посебен по својот квалитет, традиција, втемелени академски вредности, но и по својата големина, проактивност и диверзитет. Новите технологии брзо се развиваат, стекнатото знаење мора да се надополнува. Образованието е континуиран процес, посебно во делот на новите технологии. Затоа Ве охрабруваме да го продолжите Вашето образование на магистерските и на докторските студии., порача Јанкуловски.
Во своето обраќање тој ги потсети дипломците и магистрите дека стануваат членови на големата алумни заедница на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
- Денес со вас се радуваме и гордееме сите. Ние, Вашите наставници и, секако, Вашите семејства. Сега следи уште една многу значајна фаза - натамошното градење на вашите животи, на кариерата, на натамошната академска надградба… Ви посакувам многу здравје и среќа во вашите избори на животните патишта!
Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за политики за добро владеење, м-р Славица Грковска се обрати на студентите и во своето обраќање истакна:
- Можеби некои од вас можностите ќе ги побараат надвор од границите на државата, некаде каде ќе сметате дека вашите потенцијали ќе бидат повеќе вреднувани. Но, ве уверувам дека вашиот
профил е баран и соодветно вреднуван и овде, во Република Северна Македонија. Европската или американската плата може да се заработи и овде, во Скопје, во Куманово, во Охрид и каде било на друго место во државава, секаде онаму каде досега интернетот и неговите неограничени можности. Одлуката за понатаму е само ваша. Но, што и да одлучите, каде и да се насочите понатаму, се надевам дека ќе ви остане поривот да го помогнете развојот и на својата земја, на домот каде што сте пораснале и образувале. Како претседавач на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, свесна сум колку овие процеси зависат од луѓето како вас. Вашата улога е суштинска во времиња кога драстично се менува начинот на кој работиме и функционираме. Адаптацијата на промените кои ги наметнува технолошкиот развој, и во институциите, и во економијата е невозможна без потенцијалот кој вие го носите во себе.
На свеченоста беа доделени плакети и награди за најдобрите студенти на ФИНКИ, кои беа поддржани и поздравени од претставник на компанијата IWConnect, извршниот директор Миле Грујовски.
Статистиката на ФИНКИ вели дека просечно времетраење на студии на оваа генерација е шест години. Една петтина од дипломците завршиле за ефикасни 4 години и една половина за 5 години. Растот на бројот на дипломирани студенти во однос на минатата година е над 20%. Уште поважно, 46% од нив се девојки со што ФИНКИ е со рамномерна полова застапеност.