На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство специјален гостин беше 13 годишниот генијалец Матеј Плавевски. Матеј неодамна зема учество во иновацискиот камп за климатски промени организиран од УНДП и УСАИД, во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како специјален и најмлад учесник и со својата генијална идеја го привлече вниманието на јавноста и ФИНКИ.
Неговата идеја е употреба на дрон со специјални сензори за редовно мерење на различните нивоа на загадување во различни локации и време. Со тоа Матеј сака да допринесе во носење подобро информирани одлуки во борбата против загадувањето во главниот град. ФИНКИ со неговата опрема и персонал ќе му помогне на Матеј во реализирање на неговата идеја.
Имено, на ФИНКИ беа направени првите пробни мерења на спортскиот аеродром Стенковец, каде Матеј имаше можност да лета професионален дрон и да ги собере резултатите од сензорот за PM честички за да може во наредниот период да ја изгради својата платформа. Дека идејата е остварлива и интересна потврдува и фактот дека Кина од минатата година развива нов пристап за борба против огромното загадување на воздухот со дронови (http://time.com/2950261/china-drones-pollution/).
Во разговор со деканот на ФИНКИ, проф. д-р Иван Чорбев, Матеј нагласи дека негова специјалност е програмирањето во Python, Javascript, HTML5 и CSS3, како и дека и покрај неговите интереси за информатиката и математиката, наоѓа време за дружење со другарчињата, свирење гитара, патувања и дека моментално работи на неколку самостојни софтверски проекти, како на пример паметно огледало.
Навистина, Матеј донесе уникатно освежување и ФИНКИ ќе ја продолжи понатамошната соработка со Матеј со цел реализирање на неговите генијални идеи и негово понатамошно усовршување.