Родена е во Скопје каде што дипломирала во 1992 година на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, во областа на софтвер кој обезбедува достапност во дистрибуирана околина, на насоката информатика и автоматика. Магистрирала во 2006 година на истиот факултет во областа на системско инженерство на темата примена на фази невронски систем во банкарско ликвидносно планирање. Докторирала во 2011 година на Факултетот за современи науки и технологии на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово во областа на компјутерски науки, подобласт вештачка интелигенција, на темата модели на свест и примена на фази логички гранулати за атрибути на агентите.
Вработена е во Народната банка на РМ како внатрешен ИТ ревизор, а нејзините активности опфаќаат ревизија базирана на ризици на процеси и функции од областа на информатичката технологија, консултативни активности за имплементација на нови технологии од областа на информациските системи и следење на најнови трендови и најдобри практики. Работела како самостоен програмер и проектант во дирекцијата за информатичка технологија во Народната банка, а како најзначајни проекти од тој период, на кои директно учествувала во проектирање и развој се информатичкиот систем Кредитниот регистар на Народната банка и електронската платформа за аукцирање на благајнички записи и државни хартии од вредност. Посетила повеќе обуки и семинари во централните банки на Холандија, Германија и Италија.
Претходно работела на изработка на индустриски софтвер за следење и автоматизација на процеси. Најзначајни проекти и апликации во овој период се изработката на протоколи за комуникација со програмабилни уреди PLC OMRON, информатички систем за следење на процесот на транспорт на пченица во силоси и регистрирање на електрични вредности во диспечерски центар за електрична енергија.
Денес е ангажирана како насловен доцент на додипломски и постдипломски студии на предмети од областа на компјутерските науки и информатиката.
Нејзина специјалност и најголем интерес на работа се модели на свест презентирани преку хибридни интелигентни системи и методологии/системи за процена на ризици.
Член е на Техничкиот комитет за информациска комуникациска технологија при Институтот за стандардизација на РМ (ИСРМ-ТК34), поседува меѓународен сертификат за информациска сигурност ISO 27001 Lead Auditor. Членува во: Здружението на внатрешни ревизори во Македонија (ЗВРМ), Асоцијацијата за внатрешна ревизија и контрола на информациските системи (ISACA) и Меѓународниот институт на внатрешни ревизори (IIA-Флорида).
Нејзина специјалност и најголем интерес на работа се модели на свест презентирани преку хибридни интелигентни системи и методологии/системи за процена на ризици.