Во рамките на предметот Веб базирани системи, оваа среда Дејан Димитровски од Microsoft ќе одржи предавање на тема Windows 8, како технологија која претставува следен чекор во развојот на веб апликации. Предавањето ќе се одржи во среда, 26.09.2012, во 9 часот, во просторија 223 на ФИНКИ.
 
Дејан Димитровски работи како Технички Евангелист во Мајкрософт. Тој е редовен предавач на регионални конференции на теми кои обработуваат практики во развојот на софтверски решенија, сервисно ориентирани и решенија базирани во облакот. Како еден од оснивачите на Македонската .NET корисничка група, константно е инволвиран во активностите и настаните на заедницата. Поседува многу Мајкрософт сертификати и во слободно време истражува нови технологии. Неговиот блог е достапен на http://mkdot.net/blogs/dejan.
 
Во продолжение следува кратка содржина на предавањето. 
 
Новото Windows 8 искуство (30 мин.)
Сесија за новата Windows платформа за градење на апликации со модерен стил – преглед на Windows 8 функционалностите, преглед на дизајн принципите, изборот на програмскиот јазик и интеграциските точки со самиот оперативниот систем.
 
Од идеја до Windows Store апликација (60 мин.)
Windows 8 го бележи следниот чекор во еволуцијата на модерните апликации и дизајни. Со користење на бои, типографија и движење, новиот UI дизајн нуди свеж пристап до корисничкото искуство. Во ова предавање ќе дознаете како да ја започнете вашата сопствена модерна апликација низ неколку едноставни чекори, од дефинирање на базичен исказ за апликацијата, дефинирање на апликациско сценарио до изработка на прототип апликација.