На 27 април е предвиденo организирање на „Ден на високото образование“ на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ во времетраење од 10:00 до 18:00 часот. Ве информираме дека на платото во универзитетскиот кампус на изложбени штандови ќе бидат претставени студиските програми, начинот на студирање, можностите и перспективите по дипломирањето на факултетите на Универзитетот.

Посетителите ќе имаат можност непосредно во разговор со наставниот кадар и студентите да се запознаат со дејноста на најстарата високообразовна институција во нашата земја, нејзината долга традиција, мисија и визија. Во изложбените простори се предвидени разновидни презентации на активностите и проектите на наставниците и студентите, изложба на богатата научна дејност на Универзитетот.

Покрај другите активности предвидени се многубројни наградни игри за посетителите. Во организација со другите факултети на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе се одржи голема забава со групите Бени и Нон-стоп и Нокаут на платото на Универзитетот со почеток од 11 ч.

Настанот е наменет за средношколците од средните училишта во Р. Македонија, но и убава можност за сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за програмите на постдипломските и докторските студии на Универзитетот. Иднините студенти ќе имаат можност непосредно да слушнат за новитетите, за иднината, за поуките од минатото. Се надеваме дека на сите посетители ќе можеме да им ја пренесеме нашата цврста верба во образованието како единствена основа за напредок и влез на секој млад човек во подобра иднина.
 
Пресконференцијата за новинарите е закажана во 12 часот.
 

Вашето присуство на „Денот на високото образование“ на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ во Скопје, за нас ќе претставува особена чест.

Повелете!