Во четврток, 27.10.2011 година, ќе се одржи презентација на Ерасмус Мундус програмата на Европската комисија, која на студентите им обезбедува стипендии за мобилност во рамките на универзитети од Европската Унија. Настанот е наменет за студентите од сите студиски години на додипломски студии и ќе се одржи во термин од 14:00 – 16:00 часот, во Амфитеатарот на ФЕИТ и МФС.
Повеќе информации за можностите на мобилност се дадени во продолжение.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” учествува во повеќе академски мрежи за мобилност на студенти и наставен кадар во рамки на Програмата за доживотно учење - Ерасмус и програмата Ерасмус Мундус Акција 2 - партнерства на Европската комисија. Од 2010 година Универзитетот е активен учесник во академската мрежа Ерасмус Мундус JoinEU-SEE, во координација на Универзитетот во Грац, Австрија.
Главната цел на оваа академска мрежа е промовирање на мобилности преку доделување стипендии на студенти и наставен кадар од земјите на Западен Балкан во земјите членки на Европската Унија и обратно. За таа цел, Универзитетот во соработка со ЕУ универзитетите - партнери од JoinEU-SEE конзорциумот, ќе организира информативен настан со цел за промовирање и запознавање со можностите за мобилност на студенти од УКИМ на следните ЕУ универзитети:
- Универзитетот во Грац, Австрија
- Универзитетот во Лувен, Белгија
- Универзитетот Масарик, Република Чешка
- Универзитетот во Марибор, Словенија
- Универзитетот во Болоња, Италија
- Универзитетот во Гранада, Шпанија
- Универзитетот во Гронинген, Холандија
- Универзитетот во Латвија, Рига, Латвија
- Универзитетот во Турку, Финска
- Универзитетот Вилниус, Литванија
Целната група за која е наменет овој настан се студенти на прв циклус на студии.
На 27 октомври 2011 година во терминот од 14:00 до 16:00 часот, претставници од наведените универзитети застапени во мрежата EM JoinEU-SEE ќе направат презентација на студиските програми на своите универзитети пред студентите и наставниот кадар, при што истите ќе имаат можност за директна комуникација со претставниците на односните универзитети.