27/04/2015
На 28 април 2015 година, во 11 часот, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство ќе одржи предавање претседателот и основачот на организацијата Athgo, г-динот Armen Orujyan. Предавањето ќе биде во форма на интерактивна сесија со студентите за нивното искуство при студиите и како планираат да ги искористат здобиените вештини после дипомирањето, со цел стимулирање на претприемништвото кај младите.
Д-р Армен Оруџиан е претприемач и иноватор кој е основач и претседател на АТГО, една од водечките претприемачки платформи во светот со консултативен статус во Економскиот и социјалниот совет и на Одделот за јавно информирање на Обединетите нации. Армен го основал АТГО за време на неговото студирање како сцена за млади луѓе кои се стремат да направат социјално влијание преку претприемачки ангажман. Почнувајќи како мала програма на Универзитетот на Калифорнија во 2003 година, АТГО брзо се разви во глобална организација воспоставувајќи периодични Глобални иновациски форуми во седиштата на Обединетите нации и Светска банка, како и во Европа и Африка. Под водство на Армен, АТГО има обезбедено финансиски, интелектуални и можности за мрежно поврзување на речиси 10.000 млади иноватори, претприемачи и студенти од преку 600 универзитети во 80 земји.
20-годишното искуство на Армен со млади иноватори и неговото академско истражување на очекуваната човечка корисност и рационалност послужија како градбени елементи на неговата популарна квантитативна бихевиорална рамка, Четири столбови на успехот (Four-Pillars to Success). Армен ја употребува методологијата за менторирање на претприемачи и обезбедување стратешки упатства за влади, приватниот сектор и водечките глобални агенции. Во 1998 година, тој влезе во националната политичка сцена работејќи како советник за различни американски политички кампањи, меѓу кои и претседателската. Во 2001 година, бранејќи ги можностите на младите и обесправените, Армен започна движење за човекови права кое донесе преку 40.000 млади луѓе и загрижени граѓани на улиците на Лос Анџелес. Максимално користејќи ја моќта на социјалните медиуми и здружената сила на младите, оттогаш движењето се преобрази во годишно одбележување кое привлекува 100.000 луѓе. Во 2006 година Армен се приклучи на Глобалната алијанса за ИКТ и развој (Global Alliance for ICT and Development - GAID) на Обединетите нации како советник на високо ниво (High-level advisor) за да помогне да се прошират активностите на GAID за да ги вклучат младите и технолошкото претприемништво. Во 2012 година, под покровителство на Главниот директор за информации и технологија на Обединетите нации, од страна на Генералниот секретар на Обединетите нации Армен е именуван за ко-претседавач на GAID. Армен беше прогласен за е-Лидер за ИКТ на Обединетите нации (UN e-Leader for ICT) и двапати избран за еден од најдобрите лидери под 40 години од Asia Society. Во моментов тој е Комесар во респектабилната Широкопојасна комисија за дигитален развој (Broadband Commission for Digital Development) на Обединетите нации. Неодамна Армен ко-основаше технолошки стартап во стелт режим за поттикнување на надежни претприемачи, дипломци и голем број невработени квалификувани лица од целиот свет преку онлајн претприемачки екосистем на проширена реалност (online Augmented Reality entrepreneurial ecosystem).