Под мотото 'Запали ја светилката, пронајди го решението', по четврти пат БЕСТ Скопје го организира инженерскиот натпревар подржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, EBEC (European BEST Engineering Competition). Натпреварот оваа година ќе се одржи на 25, 26 и 27 февруари во просториите на комплексот технички факултети.
 
На овој натпревар студентите групирани во тимови ќе имаат шанса да ги покажат своите инженерски способности во 2 категории: Team Design и Case Study, а предложените решенија ќе бидат оценувани од стручно жири составено од универзитетски професори и претставници од компаниите кои го подржуваат овој настан и кои обезбедуваат вредни награди за најуспешните тимови.
 
Студентите, универзитетските професори и претставниците на компаниите исто така ќе учествуваат во форумска расправа на која ќе се дискутираат теми важни за нив. Форумската расправа ќе се одржи на 25 февруари, додека пак натпреварувањето во категориите Team Design и Case Study ќе се одржи на 26 и 27 февруари.
 
Покрај вредните награди, најуспешните ќе имаат шанса да ја претставуваат нашата држава на регионалниот EBEC натпревар во Софија. Бугарија, додека пак победниците на регионално ниво ќе се натпреваруваат на Европскиот EBEC натпревар во Варшава, Полска.
 
На натпреварот може да учествуваат студенти од техничките факултети при Универзитетот 'Св. Кирил и Методиј'. За подетални информации и пријавување, посетете ја веб страната на настанот www.ebec.best.org.mk. БЕСТ и ФИНКИ Ве повикуваат да аплицирате и ви посакуваат многу среќа. По вашето пријавување, на меил ќе ги добиете сите потребни информации. 
 
БЕСТ- Борд на Европски студенти по технологија е не профитна и не политичка организација која на студентите им дава можност да го да го прошират своето знаење за теми кои го надополнуваат нивното образование преку организирање академски курсеви, инженерски натпревари, симпозиуми за едукација, тренинзи и културни размени. Од друга страна, БЕСТ исто така се стреми да го прошири пазарот на трудот преку саеми за вработување и кариера, работилници, воедно и водење на интернационален центар за кариера.