Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во периодот од 16 септември до 27 септември 2024 година, организира подготвителна настава по математика и програмирање. Подготвителната настава се организира со цел да им помогне на новите студенти полесно да ја следат наставата по предметите од математика и програмирање во првата година на студирање на сите наставни насоки. 

Подготвителната настава претставува одлична можност студентите да увидат кои предзнаења се неопходни за совладување на курсевите од првите семестри и полесно вклопување во образовниот процес, како и да го надополнат и освежат своето знаење од математика и програмирање.

Наставата ќе се организира ако се пријават доволно студенти за формирање на група за секој од двата курса. 

Предвидено е дневно да се реализираат 4 до 7 часа настава и вежби. Наставата ќе се реализира со почеток од 9 часот во кампусот на ФИНКИ (деталниот распоред ќе биде дополнително истакнат, по завршување на пријавувањето на кандидатите). 

Наставата по математика и програмирање ќе се одвива хибридно, т.е. ќе има настава во просторија на факултетот, а истата ќе може да се следи и online на платформата Teams.

За курсот по математика се предвидени 40 часа во периодот од 16.9.2024 година до 21.9.2024 година, додека курсот по програмирање ќе се реализира во рамки на 20 часа, во периодот од 23.9.2024 година до 27.9.2024 година. Цената за следење на курсот по математика изнесува 5000 денари. Цената за следење на курсот по програмирање е 3000 денари.

Студентите кои планираат да следат некој од курсевите (или двата) треба да се пријават најдоцна до петок, 13.9.2024 до 11 часот преку пополнување на следнава форма.

Подетални информации околу подготвителната настава може да добиете на следната електронска адреса: 

Сите студенти кои се пријавиле за следење на наставата во предвидениот рок, ќе бидат известени најдоцна до сабота, 14.9.2024 со порака на електронската адреса што ја внеле во пријавата дали се активирани групите и дали наставата ќе започне.  

Во продолжение следат кратки содржини на материјалот за подготвителната настава по математика и програмирање.

Детали за курсот по Математика

Наставата по математика опфаќа значајни делови од материјалот изучуван во основно и средно образование кои се потребни за полесно следење на наставата по предметите од математика во првата година на студирање на сите наставни насоки. 

Опис на темите кои ќе се обработат:

  • Тема 1: Основни бројни множества. Алгебарски и рационални изрази 
    • Основни бројни множества. Природни броеви: преглед на операциите и законите, прости и заемно прости броеви, деливост. Бројни системи, декаден и бинарен броен систем. Цели броеви: преглед на операциите, подредување.  Рационални броеви: преглед на операциите со дропки, децимални броеви, бесконечни децимални броеви. Реални броеви: поим, геометриско претставување, подредување. Алгебарски и рационални изрази: степен со показател природен број, операции со степени. Цели рационални изрази, мономи, полиноми, операции, разложување на множители, НЗС и НЗД. Дробно рационални изрази: поим и операции.
  • Тема 2: Линеарна функција, линеарни равенки и неравенки. Систем линеарни равенки 
    • Линеарна функција, линеарни равенки и неравенки. Правоаголен координатен систем во рамнина. Реална функција: дефинициона област, множество вредности. Линеарна функција, тек и график. Линеарна равенка со една непозната: решавање, дискусија и примена. Линеарна неравенка со една непозната. Систем линеарни равенки: систем од две линеарни равенки со две непознати, еквивалентност. Методи за решавање систем од две линеарни равенки со две непознати. Решавање систем линеарни неравенки со една непозната. Апсолутна вредност на реален број. Равенки и неравенки со апсолутни вредности.
  • Тема 3: Квадратни равенки и неравенки, степени и корени 
    • Квадратни равенки: решавање на полна квадратна равенка, решавање на неполна квадратна равенка, дискусија на решенијата на полна квадратна равенка. Квадратна функција (својства и график) и квадратна неравенка со една непозната.  Степени и корени: степен со показател цел број, корен (поим, проширување и скратување), коренување на производ и количник, степенување и коренување на корен, нормален вид на корен, ирационални изрази.  Рационализација на именител на дропка. Степен со показател рационален број.
  • Тема 4: Експоненцијални и Логаритамски функции. Тригонометриски функции
    • Експоненцијална функција, дефиниција, график и својства. Логаритамска функција, правила за логаритмирање, врски меѓу логаритми со различни основи. Тригонометрија: тригонометриски функции од остар агол, врски меѓу тригонометриските функции од ист агол, вредност на тригонометриските функции за некои агли, решавање на правоаголен триаголник, дефиниции на тригонометриските функции (синус, косинус, тангенс и котангенс) од произволен агол, вредност на тригонометриските функции од произволен агол.
  • Тема 5: Математичка логика 
    • Искази. Операции со искази и вистинитосни таблици. Исказни формули и тафтологии. Преведување на реченици од говорен јазик во логички исказни формули.  Исказни функции: поим и решение на исказна функција. Квантификатори. Аксиоми, теореми, докази. Докажување на едноставни математички задачи.
  • Тема 6: Множества. Комбинаторика
    • Множества. Подмножества и еднаквост на множества. Oперации со множества. Индукција. Комбинаторика: комбинации, пермутации, варијации. Биномна формула.

Детали за курсот по Програмирање

Наставата по програмирање опфаќа значајни делови од материјалот изучуван во средно образование, а вклучува и методи за полесно совладување на алгоритамските концепти.

  • Тема 1: Алгоритми и програмирање. Интегрирани околини за развој.
    • Поим за алгоритам. Eдноставни алгоритми и изработка на пример алгоритми. Елементи на околините за програмирање: преведувач, поврзувач, дебагер, библиотеки со стандардни функции. Работа со Интегрирана околина за развој, инсталација, опис на изгледот на околината: главен прозорец, работна површина. Креирање на нов проект и додавање на изворна датотека во проект. Изградба и извршување на проект.
  • Тема 2: Вовед во програмскиот јазик C++
    • Синтакса на C++: азбука, зборови, посебни симболи и коментари. Величини и податоци. Основни типови на податоци (char, int, float, double, bool). Изрази и искази во C++. Променливи и нивно декларирање. Структура на програмите во C++. Оператори во C++: аритметички, за доделување, инкремент и декремент (префиксен, постфиксен), релациски, логички оператори. Влез и излез. Примери на едноставни C++ програми.
  • Тема 3: Редоследна структура. Изработка на едноставни програми
    • Редоследна структура, блок од наредби. Празна наредба. Изработка на едноставни C++ програми.
  • Тема 4: Контролни структури. Наредби за избор
    • Контролни искази: наредби за избор, наредби за повторување и наредби за скок. Наредби за избор: if, if-else и switch. Вгнездување на if наредби. Примери на C++ програми со примена на наредбите за избор.
  • Тема 5: Наредби за повторување
    • Наредбата while – реализација на контролната структура додека-извршувај. Примери за примена на наредбата while. Наредбата do-while – реализација на контролната структура повторувај-додека. Примери за примена на наредбата do-while. Наредбата for – реализација на контролната структура за-до-чекор. Примери за примена на наредбата for. Наредби за скок: break и continue.
  • Тема 6: Еднодимензионална низа
    • Низите како податочни структури. Декларирање на низа. Пристап до елемент на низа – индекси на елементи.  Иницијализација на низа. Примери на C++ програми со примена на низи.

 

1