На 15.12.2022 година, на ФИНКИ се одржа првиот тренинг за анализа на научни податоци со KNIME. Тренингот е во рамките на активностите на Отворената лабораторија за истражување во облакот.

Во рамките на повикот за финансирање на научно истражувачки лаборатории кој го распиша МОН во 2021 година, ФИНКИ аплицираше и доби 70% финансирање за формирање на Отворена лабораторија за истражување во облакот.

Лабораторијата се состои од неколку целини. Првата целина претставува кластер за пресметување со високи перформанси базирани на графички процесори, кои во изминатиот период стануваат основно средство за процесирање на големи податоци и вештачка интелигенција (Big data, Artificial Intelligence). Втората целина претставува платформа за процесирање во облак која ќе овозможи брз и едноставен пристап до пресметковни ресурси за истражувачите. Третата целина ќе претставува големо складиште на податоци, кое ќе биде интегрирано со претходните две целини, а во кое истражувачите ќе имаат можност за складирање на своите податочни множества. Исто така во рамки на просторот за складирање на податоци, ќе биде воспоставен и репозиториум на отворени податочни множества (open datasets) каде истражувачите ќе можат јавно и отворено да ги публикуваат податочните множества и резултати, со што ќе се зголеми нивната видливост и можност за соработка и имплементација постулатите на отворена наука.

Во рамките на активностите на проектот предвидено е и организирање на обуки за корисниците, по што ќе следи отворен повик за истражувачите за користење на ресурсите на оваа значајна лабораторија.

Првата обука се однесуваше на алатката KNIME (https://www.knime.com/) за анализа на податоци, со визуелен интерфејс, без кодирање, што ја прави оваа платформа соодветна за луѓе од различни области. Беше претставен процесот на креирање на аналитички модели, почнувајќи од едноставни, до по сложени модели на машинско учење. Практично беа прикажани примери за анализа, предвидување, класификација и кластерирање на податоци од различни области, како од медицината, економијата, енергетиката и сл. 

Предавачи беа вонр. проф. д-р Мирослав Мирчев и доц. д-р Александра Дединец од ФИНКИ.

Во следниот период ќе се одржат и други слични настани, ориентирани кон анализа на податоци од специфични домени.

1_6.jpg

2_5.jpg

0