Во четврток, на 13.02.2020, со почеток во 11 часот во Амфитеатарот на ФИНКИ ќе биде промовиран ПМ Аларм, софистициран систем за прогноза на аерозагадувањето во Република Северна Македонија, развиен од научниците од ФИНКИ – УКИМ, Универзитетот во Виена – Австрија и Универзитетот во Сао Паоло – Бразил.
Квалитетот на урбаниот воздух претставува една од главните грижи на граѓаните во нашата држава и пошироко во изминатите години. Зголеменото ниво на аерозагадување постојано се следи со воведување на софистицирани мерни станици, чие мерење дава релевантни податоци за тековното ниво на загадување, како и историско следење на нивото на загадување.
Инспирирано од моделите за прогноза на временската прогноза, пред се базирано на симулација на природните процеси кои се случуваат во атмосферата, научниците на светско ниво постојано работат на истражувања во насока на прогноза на хемиските процеси во атмосферата. Резултатите од овие истражувања имаат многукратно значење. Истите служат за повисока информираност на населението, но истовремено можат да бидат предмет на предупредување, или пак носење на навремени мерки за намалување ризикот од аерозагадувањето.
Проблемот поврзан со загадувањето на воздухот е многу сложен бидејќи многу фактори придонесуваат за зголемување на концентрацијата на главните аерозагадувачи со посебен акцент ПМчестички (урбанизација, специфична топографија, извори на емисии, фактори на животната средина, метеорологија).
За таа цел развиен е прототип на систем за моделирање на квалитетот на воздухот за Македонија, базиранна најнапредниотатмосферско-хемиски модел WRF-Chem во кој се вклучени емисии на гасови од антропогени, биогени, фосилни горива вклучувајки и мобилни извори. Системот е развиен од страна на тимот научници од ФИНКИ – УКИМ, Македонија, Државниот Универзитет во Виена, Австрија и Универзитетот во Сао Паоло, Бразил. Симулациите се извршуваат на процесирачките капацитети на ФИНКИ. Апликацијата за визуелизација на моделот, како и мобилните апликации се развиени од страна на ИНТЕЛИГЕНТА ДОО.Системот е дизајниран за детална прогноза на времето и аерозагадувањето со висока резолуција преку регионален домен што ја опфаќа Македонија и три други избрани домени што добро одговараат на организацијата на мерењата за квалитет на воздухот во Македонија.
За потребите на граѓаните и јавноста, развиена е апликација со современа веб страна како и мобилна апликација која вклучува проценка на концентрациите на одделни аерозагадувачи (PM10, PM2.5, SO2, NO) за секое место во државата, со аларм за можни екстремни епизодиза 4 дена однапред.
Оваа апликација е од голема корист за државата и институциите за превземање заштитни и превентивни мерки за намалување на штетните последици по здравјето на луѓето предизвикани од аерозагадувањето.
Со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, тимот продолжува понатаму напорно да работи на унапредување на моделот, системот, визуелизациите и алатките, со цел добивање на поточна прогноза, како и прогноза со повисока резолуција.
Мобилна апликации на iOS и Android:
Веб портал: https://aqf.finki.ukim.mk