Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во периодот од 29 август до 07 септември 2016, организира подготвителна настава по математика и програмирање. Подготвителната настава се организира со цел да им помогне на новите студенти полесно да ја следат наставата по предметите од математика и програмирање во првата година на студирање.
Подготвителната настава претставува одлична можност студентите да увидат кои предзнаења се неопходни за совладување на курсевите од првите семестри, како и да го надополнат и освежат своето знаење од математика и програмирање.
Наставата ќе се организира доколку се пријават доволно студенти за формирање на група за секој од двата курса.
Предвидено е дневно да се реализираат по 6 часа настава и вежби во групи од 18 до 32 студенти. Наставата ќе се реализира со почеток од 9 часот и со поголема пауза помеѓу првиот и вториот блок од 3 часа, за да овозможи време и за дополнително самостојно вежбање на изучените концепти, за што ќе биде обезбедена и соодветна просторија.
Курсот по математика ќе се реализира во текот на 6 дена (40 часа), додека курсот по програмирање ќе се реализира во текот на 5 дена (20 часа). Цената за следење на курсот по математика изнесува 4000 денари. Цената за следење на курсот по програмирање е 2000 денари.
Студентите кои планираат да проследат некој од курсевите (еден или и двата) треба да се пријават најдоцна до среда 24.08.2016 до 16 часот преку пополнување на следнава форма.
Подетални информации може да добиете на следниот маил: podgotvitelna@finki.ukim.mk.
Сите студенти кои се пријавиле за следење на наставата во предвидениот рок, ќе бидат известени најдоцна до сабота 27.08 до 18:30 со е-порака на е-адресата која ја внеле во пријавата, дали се активирани групите и дали наставата ќе започне.
Во продолжение следат кратки содржини на материјалот за подготвителната настава по математика и програмирање.
Наставата по математика опфаќа значајни делови од материјалот изучуван во основно и средно образование.
Опис на темите кои ќе се обработат:
1. Основни бројни множества. Алгебарски и рационални изрази (6+1 часа)
- Основни бројни множества
- Природни броеви: преглед на операциите и законите, прости и заемно прости броеви, деливост
- Бројни системи, декаден и бинарен броен систем
- Цели броеви: преглед на операциите, подредување - Рационални броеви: преглед на операциите со дропки, децимални броеви, бесконечни децимални броеви
- Реални броеви: поим, геометриско претставување, подредување.
- Алгебарски и рационални изрази
- Степен со показател природен број, операции со степени
- Цели рационални изрази; мономи, полиноми; операции, разложување на множители, НЗС и НЗД
- Дробно рационални изрази: поим и операции
2. Линеарна функција, линеарни равенки и неравенки. Систем линеарни равенки (6+1)
- Линеарна функција, линеарни равенки и неравенки
- Правоаголен координатен систем во рамнина, Реална функција; дефинициона област, множество вредности
- Линеарна функција, тек и график
- Линеарна равенка со една непозната; решавање, дискусија и примена
- Линеарна неравенка со една непозната; решавање
- Систем линеарни равенки
- Систем од две линеарни равенки со две непознати; еквивалентност
- Методи за решавање систем од две линеарни равенки со две непознати
- Систем линеарни неравенки со една непозната; решавање
- Равенки со апсолутни вредности
- Апсолутна вредност на реален број
- Равенки со апсолутни вредности
- Неравенки со апсолутни вредности
3. Квадратни равенки и неравенки, степени и корени (6+1)
- Квадратни равенки
- Решавање на полна квадратна равенка
- Решавање на неполна квадратна равенка
- Дискусија на решанијата на полна квадратна равенка
- Квадратна функција и квадратна неравенка
- Квадратна функција, својства и график
- Квадратна неравенка со една непозната
- Степени и корени
- Степен со показател цел број;
- Корен: поим, проширување и скратување, Коренување на производ и количник; степенување и коренување на корен;
- Нормален вид на корен; ирационални изрази; операции
- Рационализација на именител на дропка
- Степен со показател рационален број
4. Степени и корени. Логаритамски функции. Тригонометриски функции. (6+1)
- Логаритамска функција
- Правила за логаритмирање,
- Врски меѓу логаритми со различни основи
- Тригонометрија
- Тригонометриски функции од остар агол
- Врски меѓу тригонометриските функци од ист агол
- вредност на тригонометриските функции за некои агли
- Решавање на правоаголен триаголник, Дефиниции на тригонометриските функции синус, косинус, тангенс и котангенс од произволен агол,
- Вредност на тригонометриските функции синус, косинус, тангенс и котангенс од произволен агол
5. Математичка логика (6+1)
- Искази; операции со искази
- Операции со искази и вистинитосни таблици
- Исказни формули и Тафтологии
- Преведување на реченици од говорен јазик во логички исказни формули
- Исказни функции
- Поим и решение на исказна функција
- Квантификатори
- Аксиоми, теореми, докази
- Докажување на едноставни математички задачи
6. Множества и Комбинаторика. (6+1)
- Множества;
- Подмножества и еднаквост на множества
- операции со множества
- Комбинаторика
- Индукција,
- комбинации, пермутации, варијации,
- биномна формула
Наставата по програмирање опфаќа значајни делови од материјалот изучуван во средно образование, а вклучува и методи за полесно совладување на алгоритамските концепти.
Тема 1: Алгоритми и програмирање
Поим за алгоритам. Разгледување едноставни алгоритми и изработка на пример алгоритми. Начини за совладување на алгоритамските концепти. Алатки за почетничко програмирање. Запознавање со Scratch.
Тема 2: Интегрирани околини за развој. Code::Blocks
Програмирање. Елементи на околините за програмирање: преведувач, поврзувач, дебагер, библиотеки со стандардни функции. Code::Blocks: инсталација, опис на изгледот на околината: главен прозорец, работна површина. Креирање на нов проект и додавање на изворна датотека во проект. Изградба и извршување на проект.
Тема 3: Вовед во програмскиот јазик C/C++
Почетоци и подобрувања на C++. Синтакса на C++: азбука, зборови, посебни симболи и коментари. Претпроцесор и заглавишни датотеки (анг. header files). Вклучување на датотека со директивата include. Типови на податоци во C++: основни (char, int, float, double, bool) и апстрактни. Изрази и искази во C++. Променливи и нивно декларирање. Структура на програмите во C++. Оператори во C++: аритметички, за доделување, инкремент и декремент (префиксен, постфиксен), релациони, логички оператори. Влезно излезни операции: cin и cout. Примери на едноставни C++ програми.
Тема 4: Редоследна структура. Изработка на едноставни програми
Редоследна структура, блок од наредби. Празна наредба. Изработка на едноставни C++ програми.
Тема 5: Контролни структури. Наредби за избор
Контролни искази: наредби за избор, наредби за повторување и наредби за скок. Наредби за избор: if, if-else и switch. Вгнездување на if наредби. Примери на C++ програми со примена на наредбите за избор.
Тема 6: Наредби за повторување
Наредбата while – реализација на контролната структура додека-извршувај. Примери за примена на наредбата while. Наредбата do-while – реализација на контролната структура повторувај-додека. Примери за примена на наредбата do-while. Наредбата for – реализација на контролната структура за-до-чекор. Примери за примена на наредбата for. Наредби за скок: break и continue.
Тема 7: Еднодимензионална низа
Низите како податочни структури. Декларирање на низа. Пристап до елемент на низа – индекси на елементи. Иницијализација на низа. Примери на C++ програми со примена на низи.
Тема 8*: Текстуални низи – стрингови
Претставување на стрингови во C++. Визуелно претставување на меморија зафатена од стринг. Доделување на вредност на стринг. Читање и прикажување на стрингови. Добивање на знак од стринг. Менување на дел од стринг. Поминување низ стринг и определување на должина на стринг. Некои корисни функции во C++ за работа со стрингови: strlen(), strcpy(), strcat() и strcmp(). Примери на C++ програми со примена на стрингови.
(* ќе биде делумно реализирана, во зависност од постигнувањата на студентите во претходните теми)