Денеска, 13.07.2011 година, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Микрософт Македонија потпишаа меморандум за соработка и деталите од договорената соработка и активностите кои се планираат со почетокот на следната учебна година беа соопштени на заедничка прес-конференција.

Оваа соработка е дел од глобалната иницијатива на Микрософт „Партнери во учење“, која што има за цел преку имплементација на најновите информатички технологии да ги поттикне образовните институции кон истражувачки и научни дејности и пред сè да го подобрат процесот на образование.

Таква е и оваа иницијатива на Микрософт Македонија, која ќе им овозможи на сите студенти, професори, асистенти и алумни на ФИНКИ да ја користат Microsoft Live@edu програмата, која претставува множество од бесплатни хостирани комуникациски сервиси. Со оваа програма Факултетот добива пристап на Microsoft Office Outlook Live за е-пошта и календари, на Office Web Apps за споделување и уредување на документи и колаборација, до Windows Live SkyDrive за 25 GB онлајн простор за складирање датотеки, до Windows Live Messenger за инстант пораки и видео чет и до мобилен e-mail. Новитет претставува и додавањето на Office Live Workspace, кој на студентите и професорите ќе им овозможи дополнително збогатено онлајн искуство со повеќе алатки за колаборација и пораки. Студентите ќе можат да организираат студиски групи, да работат заедно на задачи, да ги споделуваат белешките од предавањата и да имаат споделени распореди и листи на групни задачи.

Microsoft Live@edu програмата за комуникација и колаборација ја користат илјадници образовни институции во повеќе од 130 земји во светот. Повеќе од 11 милиони студенти, ученици, професори, асистенти и алумни ширум светот користат Live@edu.

Microsoft Live@edu е достапна преку популарните веб прелистувачи за Windows, Mac и Linux оперативните системи, од кој било компјутер или мобилен уред поврзан на интернет. Повеќе информации за оваа програма може да се најдат на официјалната Live@edu веб страна.

Дополнително, на студентите на ФИНКИ им е обезбеден и пристап до Microsoft DreamSpark, со што е овозможено бесплатно користење на десетици професионални Microsoft алатки за развој и дизајн на софтверски решенија во различни области, како на пример: бази на податоци, веб решенија, игри, вградливи системи, роботика, мобилни апликации, итн. Студентите преку оваа програма ќе можат да го изразат својот креативен потенцијал и да си обезбедат успех во кариерата со усовршувања на знаењата во областите на технички дизајн, технологија, математика, наука и инженерство. Повеќе информации за програмата студентите може да најдат на официјалната веб страна на DreamSpark.

Microsoft Македонија заедно со ФИНКИ работи и на создавање на заеднички едукативен профил, во кој ќе бидат интегрирани новите Microsoft технологии, а кој студентите ќе може да го изучат преку соодветна селекција на изборни предмети. Стратешки интерес на Microsoft е да поддржи едукација на студентите за современите алатките за развој на решенија за новите технолошки платформи: Microsoft Cloud Services, Microsoft Phone и Microsoft Xbox/Kinect во наставата на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Во овој контекст, веќе се работи и на создавање на заедничка лабораторија во која, освен технички ресурси, ќе бидат вклучени и ескперти од Microsoft.

ФИНКИ и Microsoft Македонија најавуваат дека ова е само дел од планираната соработка, која ќе продолжи да се реализира во блиска иднина.