Давид Арсов е роден во 2002 година во Скопје. Средното образование го завршува во СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје, со континуиран одличен успех. Во 2021 година се запишува на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката Софтверско инженерство и информациски системи.
Во текот на студиите покажува исклучителни академски резултати и активно се вклучува во наставниот процес. Во октомври 2023 година е избран за тутор на факултетот, каде што изведува лабораториски вежби по предметите Алгоритми и податочни структури, Основи на веб-дизајн, Веб програмирање, Бази на податоци и Интегрирани системи. Паралелно со студиите, се вклучува во индустријата како софтверски инженер, работeјќи на развој на апликативен софтвер и информациски системи.
Дипломира во 2025 година со просечна оцена 9,77, со дипломска работа на тема „Анализа на системи базирани на ЕЕГ за класификација на состојби на будност“, под менторство на доц. д-р Александар Стојменски.
Во 2025 година се запишува на магистерски студии на насоката Софтверско инженерство. Истата година е избран за демонстратор на Факултетот.
Области на негов научно-истражувачки интерес се софтверско инженерство, апликативен софтвер, бази и складишта на податоци, како и примена на информатика во медицината.