Студенти од ФИНКИ учествуваа на натпреварот по програмирање Андроид апликации, Samsung Smart App Challenge 2012, организиран од светски познатата компанија Samsung и беа добитници на првата награда во категоријата Non-games.
 
Развивачите на Андроид апликации од цел свет, во периодот од мај до октомври, 2012, имаа шанса да конкурираат и да се натпреваруваат за буџет вреден 4.080.000 долари на Samsung Smart App Challenge 2012, натпревар организиран од Samsung Electronics Co., Ltd.

Студентите на ФИНКИ основачи на стартапот G6 Solutions успеаа да се изборат за прво место и покрај паричната награда да обезбедат голем број на маркетинг бенифити од страна на Samsung.

Нивната апликација Crack Your Screen е мобилна Андроид апликација од забавен карактер и покрај Samsung Apps, истата е достапна и на официјалниот Google Play Store и според досегашните статистики истата само на Google Play Store бележи повеќе од 7.5 милиони симнувања, односно апликацијата е инсталирана на повеќе од 10 милиони Андроид уреди на сите маркети во последните 12 месеци.

'Апликацијата не беше посебно развивана за овој натпревар, истата ја имаме повеќе од една година, за нејзината популарност говори бројката и рејтингот на Google Play Storе. Ние само ја прилагодивме на барањата на Samsung, што ни овозможи да се квалификуваме за натпреварот' изјавија нашите студенти.
 
ФИНКИ им честита за освоената награда и им посакува уште поголем успех во иднина. Повеќе детали за апликацијата на G6 Solutions можете да најдете на нивната официјална веб страна, а детали за натпреварот можете да најдете на следниот линк.